Дали граѓанските собранија можат да ја надополнат демократијата во Западен Балкан?

На настанот во организација на GEF - Green European Foundation чиј домаќин беше Здружение за одржлив социо-економски развој „Изгрејсонце“ - Скопје учествуваа десетици граѓански активисти и здруженија за заштита на животната средина, академски претставници и претставници на независните советници на локално ниво.

Разговаравме за можностите на Зелениот европски договор и Зелената европска агедна за Западен Балкан, но и за неопходниот чекор понатаму.

Се разви активна дебата за тоа како да се искористат искуствата од првите иницијативи за воведување на институтот граѓански собранија и какви се можностите за инкорпорирање на советодавната демократија при носење одлуки за жешките точки во животната средина, особено со заканата од екстрактивните индустрии и експлоатацијата на водните ресурси.

И климатската и енергетската криза низ Европа го достигнаа врвот и многу често од носителите на одлуки се бара да донесат брзи и краткорочни одлуки врз основа на извршната моќ што ја добиле на избори, па неопходно е вмрежување во зелениот активизам.

Во многу случаи гласовите и потребите на граѓаните не се соодветно претставени и препознаени бидејќи кризниот режим не дозволува доволно време ниту ресурси за да се овозможи подлабок демократски процес.

Гледаме огромна важност не само во зајакнувањето на граѓаните да се вклучат во теми од заеднички интерес (клима, енергија, животна средина, биодиверзитет, здравје), туку и во зајакнувањето на врските помеѓу Зелените низ Европа, активистите и совесните граѓани, со цел да станат порелевантни, инклузивни и подобро поврзани со општествените групи и движења.