Зелена агенда за излез од климатската и енергетската криза

Енергетскиот систем од централизиран и монополизиран треба да прерасне во демократски систем кој ќе им овозможи на граѓаните поголема контрола и избор како во потрошувачката на енергија, така и во нивната улога на производители на енергија од обновливи извори.

На вториот дел од настанот „Зелениот европски договор - Чекор понатаму“, со поддршка на Европската зелена фондација, се дебатираше за можностите, но и недостатоците на оваа стожерна европска регулатива, во контекст на земјите од Западен Балкан и македонската перспектива за членство во ЕУ.

Одлични презентации одржаа Зекија Мемедова Христова истражувач од Здружението Изгрејсонце и Вања Џинлев научен асистент и истражувач од ТД Лаб при ЕТХ Цирих кои се осврнаа на кризите во животната средина и енергетиката со кои се соочуваме, а чии последици ги чувствуваме сите.

Еден од заклучоците е дека ни е потребен холистички пристап кој ги интегрира социјалните права од самиот почеток и ќе биде надополнување на аспектите на Зелениот европски договор и соодветно на тоа Зелената агенда за Западен Балкан.

Во таа смисла неопходни се промени во енергетиката, заштитата на биодиверзитетот, намалување на загадувањето на воздухот, водата и почвата, одржлива и кружна економија и земјоделство и поголема правичност во искористувањето на ресурсите.

Затоа беше констатирано дека треба да се поддржи формирањето на енергетски заедници, задруги и кооперативи, да се помогне борбата за спречување на тешките екстрактивни индустрии кои оставаат огромни последици врз животната средина и локалното население и да се работи во насока на вмрежување во зелениот активизам како дополнување на демократијата и процесот на носење одлуки.