Бужаровски: Енергетската демократија може да ја надмине енергетската сиромаштија со праведност

Енергетската сиромаштија е пред се прашање на енергетската ефикасност и на квалитетот на домувањето. Значи долгорочното решение за енергетската сиромаштија најмногу го наоѓаме во подобрување на квалитетот на станбениот фонд. И затоа со решавање на енергетската сиромаштија решаваме и други проблеми за општо како го организираме просторот, како ги организираме градовите, унапредувањето на квалитетот на живот на сите нас. 



Кои се решенијата за енергетската сиромаштија?

Бужаровски: Има многу решенија за енергетската сиромаштија во смисла на енергетска ефикасност. Тие се во три домени. Подобрување на термалната ефикасност на домовите во Македонија значи унапредување на станбениот фонд, ако погледнеме наоколу колку недостасуваат соодветни фасади, прозорци и кровни конструкции. Исто така значи и подобрување на системите за греење и ладење. Во иднина треба да се ориентираме кон системи кои не се зависни од фосилни горива и се ефикасни. Исто така во голем дел трет елемент е подобрување на целиот фонд на уреди во домаќинствата, апарати кои се многу стари и сами по себе користат многу енергија. Во сите тие три домени потребна е поддршка на домаќинствата, а особено на ранливите домаќинства за да се подобри квалитетот на сите три елементи на станбениот фонд и на користењето на енергија. 

Што може да преземат надлежните институции?

Бужаровски: Тука основна улога има државата и тој процес треба да го организира. Краткорочната помош во вид на директни субвенции, намалување на сметките на енергија и социјални трансфери е добра работа, но тоа не може долгорочно да го реши проблемот на енергетска сиромаштија. Потребни се политики кои што фундаментално се однесуваат на овие три елементи за долгрочно подобрување. 

Може ли енергетската демократија да обезбеди праведност и надминување на енергетската сиромаштија?

Бужаровски: Многу е битно да се слуша, да се консултираат тие што се најмногу засегнати. Во таа смисла решенијата како енергетски задруги, преземање на сопственичките односи во енергетскиот систем во локалната самоуправа каде таа подобро знае за што станува збор и како да се решаваат тие проблеми. Развивање на посеопфатен систем на социјална заштита што е интегриран со системот на здравствена заштита, што е интегриран со системот за следење на сметките на корисниците од енергетските компании. Тоа се најразлични решенија коишто може да придонесат за енергетска демократија и вклучување на домаќинствата во процесот на одлучување и во системот за поддршка на решавање на енергетската сиромаштија.