На што најмногу се должи загадувањето на воздухот и како да се надмине оваа состојба?
Бужаровски: Едно прашање што забележав за време на овој студиски престој е дека во Македонија се разви една интересна дебата и таа веќе подолго време постои околу причините за аерозагадувањето. Посебно аферата што се појави со мазутот. Многу е битно да не заборавиме еден момент, дека типот на загадување што се појавува во градовите во Македонија и тоа е веќе воспоставено од стручните студии, најмногу доаѓа од домаќинствата и од сообраќајот. Апсолутно тука нема дискусија дека индустриските загадувачи се многу значајни и дека користењето на несоодветни горива тој процес уште повеќе го влошува. Но, во конкретниот случај на Македонија е многу битно да се заменуваат цврстите горива со други форми на загревање во зимскиот период. Исто така да се стимулираат што повеќе одржливите форми на превоз, пред се јавниот како и пешањето, велосипедизмот и итн.
Кои решенија даваат резултати и на што треба да се фокусираат промените?
Бужаровски: Има доста значајни исчекори во Македонија во таа смисла, многу ја поздравувам кампањата на Владата за замена на фосилни горива со клима уреди инвертери. Тоа несомнено значително придонесува кон намалување на загадувањето и тоа го гледаме. Но, за да се направи еден позначаен исчекор во таа смисла потребно е уште поамбициозни политики и изнаоѓање на решенија кои користат обновливи но и локални извори на енергегија. Секако да се зголеми енергетската ефикасност за да се намали побарувачката на енергија. Тука и сите ние треба да бидеме свесни. Од горењето на отпад, горењето на цврсти горива во градски средини како што е јаглен создава огромни проблеми.
Како до повисок квалитет на живот во град како Скопје, но и воопшто во државата?
Бужаровски: Квалитетот на живот најмногу ќе се подобри и осети оној момент кога масовно ќе преминеме кон поодржливи почисти системи за греење пред се како и се разбира поодржливи форми на сообраќај.
Ова видео е реализирано од Здружение Изгрејсонце со поддршка на Green European Foundation како дел од проектот „Градовите како места на надеж“